Нови 160 случаи на заразени со коронавирусот од направени 2.172 тестирања беа регистрирани во вчерашниот извештај на Министерството за здравство за изминати 24 часа. Починаа тројца пациенти: двајца од Скопје (60 г. и 72г.) и една пациентка од Гостивар (53 г.). Сите тројца во болнички услови.Институтот за јавно здравје регистрира 368 оздравени пациенти.

Вкупната бројка на Ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 12.515, бројката на оздравени пациенти е 9.030, на починати е 535, а во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 2.950. По подолг период бројот на активни случаи е под 3.000.

Од вкупниот број активни случаи, во Скопје има 986, во Штип 293, во Гостивар 264, во Куманово 243, во Струга 169, во Тетово 156, во Кичево 133, во Кавадарци 106, во Дебар 65, во Свети Николе 67. Во другите градови има под 50 активни случаи.

На Инфективната клиника вкупно се хоспитализирани 83 пациенти од кои на кислородна поддршка се 43 пациенти, нема на механичка вентилација. Во болницата во Козле се хоспитализирани 13 возрасни пациенти позитивни на Ковид-19 и шест деца позитивни на вирусот, и тројца пациенти суспектни.

Во ГОБ „8 Септември“ вкупно хоспитализирани се 72 пациенти од кои на респираторна машина се пет пациенти.

Во болницата во Битола се хоспитализирани 26, а во болницата во Штип се хоспитализирани 45 пациенти. На инфективните одделенија во Тетово, Охрид, Велес, Куманово, Прилеп, Гостивар, Струмица и Струга се хоспитализирани 106 пациенти – позитивни и сомнителни на Ковид-19.

Најмногу активни случаи во Скопје има во општина Чаир – 138, потоа следи Аеродром – 125, Гази Баба – 112, Карпош – 103, Центар – 86, Кисела Вода – 81, Ѓорче Петров – 69, Шуто Оризари – 67, Бутел – 66, Сарај – 35, Студеничани – 32, Арачиново – 18, Илинден – 17, Сопиште – 12, Чучер Сандево – 9, Зелениково- 6, Петровец – 5, Странец – 3 и нераспределен – 2.

Институтот за јавно здравје денеска регистрира намален број на активни случаи – 2950. По подолг период бројот на активни случаи е под 3.000. Последен пат под 3.000 активни случаи се регистрирани на 23 јуни оваа година. Поголемиот број на оздравени лица во споредба со новозаболените придонесува за намалување на бројот на активни случаи во континуитет во последниот период, велат од Министерството за здравство.

Министерството за здравство информира дека со зголемување на капацитетите за дијагностика и зголемувањето на бројот на тестови, со пристапот на широко тестирање, целта е рано откривање и следење на што е можно поголем број на случаи, вклучувајќи ги и асимптоматските носители на Ковид-19.

Од ресорното министерството истакнуваат дека мерките за заштита од Ковид-19 даваат резултати секаде каде што се почитуваат.

Оттаму апелираат до граѓаните да продолжат да се придржуваат до трите правила – носење заштитна маска, одржување на физичка дистанца и често миење на рацете.

На ЈЗУ Клиниката за психијатрија се реализирани околу 4.000 телефонски разговори за психолошка поддршка на граѓаните за време на пандемијата со Ковид 19, почнувајќи од март, соопшти Министерството за здравство.

На првата телефонска линија за психолошка поддршка, која беше отворена на 15 март за возрасни во самоизолација во текот на целиот период, вклучувајќи ги викендите и празниците, која е достапна секој ден од 8 до 20 часот, имало повеќе од 2.200 разговори.


Администратор
15/08/2020 12:11