По околу едномесечно одложување, денеска на планинскиот рекреативен центар Пониква на Осоговските Планини се одржа традиционалниот влашки етно-фестивал „На Петровден сите на планина”, чиј организатор е пејачката група „Грамостеањ” од Скопје.

Причина за одложувањето беше законското ограничување за организирање музичко-сценски настани и концерти поради епидемијата од Ковид-19, токму во средината на јули кога вообичаено се одржува фестивалот.

– Специфичната состојба во која се најде нашата земја, па и соседните и државите од поширокото опкружување, спречи оваа година на фестивалот да ни дојдат гости и учесници од странство. По олабавувањето на мерките, почитувајќи ги сите протоколи за заштита, решивме настанот да се одржи и да ја продолжиме традицијата на нашите предци. Иако не дојдоа голем број домашни музички групи и фолклорни ансамбли, како и учесниците од Албанија, Бугарија и други држави, сепак овде е нашата група која ќе претстави дел од репертоарот на фолклорни песни и ора, истакна Ѓорѓи Николов, уметнички раководител на пејачката група „Грамостеањ”.

И годинава покровител на влашкиот етно-фестивал беше Општина Кочани, а градоначалникот Николчо Илијев нагласи дека дава целосна поддршка оваа манифестација да продолжи и во иднина.

– За нас е многу важна културната, економската и другата соработка меѓу сите етнички групи во регионот и пошироко. Власите се познати како трудољубив народ, а со своите стада овци што ги напасувале се собирале на Пониква, се собирале и се дружеле, разменувале искуства и познанства, а младите склучувале нови бракови. Сакаме оваа традиција да продолжи и се надеваме дека догодина состојбата со епидемијата ќе се подобри и на фестивалот ќе има поголем број учесници, истакна градоначалникот Илијев.

Традиционалниот влашки етно-фестивал е дел од манифестацијата „Петровденски конаци” што се одржува по повод верскиот празник посветен на Свети Петар, заштитникот на Кочани.