Трето авио-запрашување против комарци ќе се изврши задутре, 20 август, во раните утрински часови на подрачјето на Куманово, информираа денеска од општината.

Доколку временските услови не го дозволуваат вршењето на дезинсекцијата, тогаш таа ќе се изврши првиот нареден ден, кога временските услови ќе бидат поволни. Од општината ги известуваат пчеларите навремено да ги преземат потребните мерки за заштита на пчелите.

Во Куманово во јуни и јули беа спроведени авиодезинсекции. Од одделението за јавни набавки од општината информираат дека договорот за авионско третирање на територијата на општина Куманово е склучен на 8 јуни годинава, со избрана фирма на јавна набавка „Бониер" Куманово, за што од општинскиот буџет одвоени се 1.416.000 денари. Со дезинсекцијата се опфаќаат површини од по 1.000 хектари.

Наредниот ден петок, 21 август, во 01:00 часот на територијата на општината ќе се изврши четврта терестична дезинсекција против возрасна форма на комарци. И во овој случај, ако временските услови не го дозволат вршењето на овој третман, дезинсекцијата ќе се изврши првиот нареден ден кога временските услови ќе бидат поволни, додаваат од општината.

Дезинсекцијата се спроведува по претходно подготвен план за динамиката на активностите, техничка спецификација, а ќе бидат опфатени 200 хектари површина на повеќе локации во градот.

Од одделението за јавни набавки претходно информираа дека за дезинсекција против крлежи, дератизација против глувци, ларвициден третман и тереситичка дезинсекција за оваа година одвоени се 1.180.000 денари со вклучен ДДВ. Третманите по четирите ставки се спроведуваат во неколку наврати на годишно ниво. На тендерот избрана е компанијата „Плант Медика".