Православните верници од Гостивар и околината го започнаа празнувањето на празникот Преображение на Господ Исус Христос со служење на архијерејска литургија во соборниот храм Св. Богородица.
Во присуство верниците, чинот на водосвет, прережување на славските погачи и осветување на грозјето го изврши митрополитот тетовско-гостиварски г. Јосиф, со свештеници од гостиварското архијерејско намесништво.
Свештенството и владиката Јосиф одржаа литургија и во манастирот во изградба „Св. Преображение” во населбата Циглана.
Традиционалниот црковно-народен собир кој се организираше во дворот на манастирот годинава е откажан. Од иницијативниот одбор претходно соопштија дека заради пандемијата предизвикана од Ковид 19 нема да се одржи, а кумовите кои беа избрани за оваа година ќе останат за наредната 2021 година
Преображение Господово е еден од оние осум големи Христови празници, кога, според народното предание, во зора почнуваат да се преобразуваат и гората и водата, најавувајќи ја идната есен. Според народното верување тогаш за прв пат во годината се бере и јаде грозје и се носи во црквата каде што свештеникот по молитвата го благословува.