Донација, три нови комунални возила за собирање смет и 192 нови корпи за отпадоци, добија Јавното претпријатие „Комуналец“ и Општина Крива Паланка во рамки на проектот „Набавка на опрема за собирање и транспорт на отпад во источен и североисточен плански регион“ финансиран со средства од ИПА програмата за регионален развој на Европска Унија.

– Денеска го добивме првото возило за смет од 10 метри кубни, а во претстојните десетина дена ќе ги добиеме и останатите две возила предвидени со проектот, со што ќе се овозможи современ начин на собирање и третирање на отпадот во општината. Покрај набавката на возила Општина Крива Паланка ќе добие и 192 сада за отпад и ќе пристапи кон затворање на постојната депонија во село Конопница, информира директорот на ЈП „Комуналец“, Миле Марковски.

Општина Крива Паланка е дел од општините во североисточното регион кои заедно со оние од источниот се дел од големиот проект за воспоставување регионален систем за управување со отпад кој Министерството за животна средина и просторно планирање го спроведува со средства од ЕУ.

Покрај Крива Паланка, денес и општина Ранковце доби возило за смет, а во Кратово истото беше доставено во текот на вчерашниот ден.