Општина Куманово во соработка со Агенцијата за вработување и УНДП во рамки на програмата општинско-корисна работа денеска објави повик за ангажирање единаесет лица во проектот „Моќта на децата“.
Општината ги повикува евидентираните невработени лица да се вклучат во програмата со скратено работно време за период од девет месеци, по што ќе стекнат одредени вештини со кои полесно ќе се вклопат на пазарот на трудот.
– Евидентираните невработени лица кои ќе бидат вклучени во програмата „Општинско-корисна работа“ ќе бидат работно ангажирани со скратено работно време со 20 работни часови неделно, при што за време на работниот ангажман од девет месеци статусот на невработените лица останува непроменет, а на невработените лица – корисници на социјална помош за времетраење на работниот ангажман ќе им биде активно правото на користење на социјална помош, се наведува во соопштението.
Право на учество имаат сите невработени лица, а предност ќе имаат лицата кои првпат се јавуваат за учество во програмата. За кандидатите кои ќе бидат избрани и вклучени е преден паричен надомест од 9.000 денари бруто-износ, со вклучени данок на личен доход и осигурување за инвалидност и телесно оштетување причинето со повреда на работа и професионална болест.
Евидентираните невработени лица треба да се долгорочно невработени лица (над 12 месеци во евиденција, со предност на млади лица до 29 години, лица постари од 50 години, лица корисници на гарантирана минимална помош, лица корисници на паричен надомест по основ на невработеност, лица кои имале статус на деца без родители и родителска грижа, жени припадници на ромската етничка заедница и на останатите етнички заедници, лица припадници на ромската етничка заедница, самохрани родители, родители на деца со пречки во развој, родители на три и повеќе деца.
Работните позиции кои се опфатени со овој оглас се однесуваат на ангажирање на образовни асистенти, професори по одделенска настава, педагог, психолог, дефектолог, специјални едукатори, социјални работници, социолози.