Во Берово во тек се два јавни повика за Општинско-корисна работа. Првиот јавен повик како дел од оваа активност се однесува за евидентирани невработени лица, кои ќе бидат дел од проектот „Од акција до еднакви можности“.
Евидентираните невработени лица кои ќе бидат вклучени во програмата „Општинско-корисна работа-СДЦ“ како што информираат надлежните, ќе бидат работно ангажирани со скратено работно време со 20 (дваесет) работни часови неделно.
-Нивниот работен ангажман ќе биде со времетраење од 6, 7 или 9 месеци во зависност од условите кои ги исполнуваат. За време на овој период нивниот статус како невработени лица останува непроменет, а на невработените лица-корисници на социјална помош за времетраење на работниот ангажман ќе им биде активно правото на користење на социјална помош, информираа надлежните.
Право на учество во програмата „Општинско-корисна работа“, како што додадоа имаат сите невработени лица, при што предност ќе имаат лицата кои за прв пат се јавуваат за учество во Програмата.
-За кандидатите кои ќе бидат избрани и вклучени во Програмата „Општинско-корисна работа“ се предвидува паричен надоместок во висина од девет илјади денари со вклучени данок на личен доход и осигурување за инвалидност и телесно оштетување причинето со повреда на работа и професионална болест, додадоа надлежните.
Вториот јавен повик за Општинско-корисна работа, како што дополнија, се однесува за проектот „Солидарност во заедницата 2”. Од општината ги упатија заинтересираните да ја посетат општинската веб-страница каде можат подетално да се запознаат за начините и критеритумите кои треба да ги исполнуваат невработените лица за вклучување во програмата за Општинско-корисна работа.