На подрачјето на Куманово денеска и утре ќе се изврши дезинсекција против крлежи, информираат од општината.
Дезинсекцијата ќе биде спроведена на јавните зелени и цветни површини во градот, со акцент на зеленилото покрај градскиот кеј, јавните институции и установи, плоштадот и градските паркови. Третираните површини ќе бидат видно обележани и не се препорачува подолг престој на површините како за луѓе така и за животни, особено непосредно по извршувањето на третманот.
– Целта на овој третман е спречување на ширење на заразни болести каде како вектори се јавуваат истите, се вели во соопштението на општината.
Од одделението за јавни набавки, претходно информираа дека за дезинсекција против крлежи, дератизација против глувци, ларвициден третман и тереситичка дезинсекција за оваа година одвоени се милион, 180 илјади денари со вклучен ДДВ. Третманите по четирите ставки ќе се спроведуваат во неколку наврати на годишно ниво. На тендерот избрана е компанијата „Плант Медика".