Во моментот кога МОН и Комисијата за заразни болести ќе утврдат дефинитивен став и решение за наставата, во истиот момент ние како институција ќе одговориме во целост со цел што е можно повеќе да го заштитиме здравјето на нашите ученици, изјави градоначалникот на Скопје Петре Шилегов во чија надлежност се 23-те средни училишта во главниот град.
Рече дека се очекува формирањето на новиот владин состав и новиот министер за образование да ја преземе функцијата, а сè што постои во предлог-протоколите и е обврска на Град Скопје, рече, Градот е подготвен да го преземе.
-Ние сме во очекување на формирање на владата за да може и новата министерка за образование со полн капацитет да влезе во решавање на проблемот, особено за започнување на учебната година, но и за детаљно утврдување на протоколите коишто се во оптек, рече Шилегов, одговарајќи на новинарски прашања по манифестацијата „Средба на првиот со најдобрите“.
Настанот годинава се одржа 13-ти пат и Шилегов им додели специјални признанија и парични награди на 32 првенци на генерацијата 2016-2020 и 2017-2020 од 23 скопски средни училишта.
– Да се биде првенец на генерацијата значи дека си на пат да ги реализираш своите соништа. Јас навистина посакувам вашите соништа да ги реализирате овде, а соништата за вашата иднина да бидат врзани за нашата земја. Затоа што сме земја во подем, затоа што сме град кој се менува, зашто сме општество кое се менува и многу дилеми што сте ги имале во средношколските денови полека ќе почнеме заедно со вас да ги надминуваме. Вие во многу блиска иднина ќе бидете моторот на општеството, на градот и на државата, ќе бидете оние кои ќе треба да ги менуваат работите. Многумина од вас ќе станат лекари, инженери, правници, економисти, а јас ви пожелувам да станете и останете луѓе. Само човек што има знаење и личен интегритет е човек што ги движи и менува работите, им порача градоначалникот на најдобрите матуранти.
Манифестацијата се одржува со поддршка на Делегацијата на Европската Унија во нашата земја и успехот на годинашните првенци им го честиташе евроамбасадорот во заминување Самуел Жбогар, кој истакна дека немало подобар настан за крајот на неговиот мандат.
Во изминатите години, рече, многу научил од средбите со нивните врсници во сите градови и тие средби биле најубави што ги имал. Од нив секогаш излегувал охрабрен и оптимист за иднината на земјава.
-Секогаш сум бил охрабрен од начинот на кој вие и вашите соученици размислувате – глобално, но и локлано. Охрабрен бев од начинот на кој ја сакате вашата земја и начините што ги истражувате како да ја подобрите состојбата во вашата земја… Вие станавте најдобри во Скопје, и тоа во време на корона, во едно од најтешките времиња со кои се соочува целиот свет. Тоа беше тест за сите нас. Најтешкото го оставивте зад вас и го дадовте најдоброто од себе. Сега дојдовте на важна крстосница и иднината зависи од вас. Се надевам дека ќе бидете успешни и во студиите и дека ќе направите сè што е во ваша моќ да изградите добра иднина за вашата земја и ќе придонесете таа да биде идна членка на Европската Унија, истакна евроамбасадорот Жбогар.