На регионалните патни правци во поширокиот Дебарски Регион во тек е обновувањето на хоризонталната патна сигнализација.

-Се обновува хоризонталната сигнализација на регионалниот пат Дебар – Струга во должина од 65 километри. Претходно поставената веќе беше избледнета, а на одделни места воопшто и не се забележуваше. На овој начин се придонесува за побезбедно одвивање на сообраќајот, изјави Деар Лиманоски, раководител на дебарската секција на „Македонија пат“.

Ќе се продолжи со обележување на хоризонатлната патна сигнализација на регионалниот пат од Дебар до граничниот премин „Блато“, на македонско-албанската граница, во должина од околу пет километри.

Според Лиманоски, оваа активност ја реализираат со средства на Јавното претпријатие за државни патишта.

-Паралелно со ова, продолжуваат и тековни активности за отстранување на вегетацијата долж регионални патни правци, кои се под надлежност на нашата секција. Со ова се добива поголема прегледност во движењето, додаде Лиманоски.

Под надлежност на оваа секција се делници со вкупна должина од над 110 километри: Дебар – Жировница (патен правец Дебар – Маврово), Дебар – Глобочица (патен правец Дебар – Струга), патот кон граничниот премин „Блато“, кракот Бошков Мост кон селата на Мала Река и патот Мелнички Мост – Центар Жупа.