Во просториите на Општина Велес градоначалникот Аце Коцевски вчера имал работен состанок со директорите на образовните институции на територијата на општината. На прес-конференција денеска тој соопшти дека на состанокот се разговарало за подготовка на новата учебна 2020/2021 година, за протоколите и тимовите кои работат на организација и реализација на наставата и начинот на нејзино изведување.

Коцевски информираше дека се разговарало за сите проблеми и предизвици со кои се соочуваат училиштата во актуелната ситуација со КОВИД-19 и дека според директорите училиштата се генерално подготвени за отворање.

–Директорите известија дека училиштата се генерално подготвени за реотворање, наставниците се обучуваат за онлајн-настава. Избрани се образовни платформи преку кои ќе работат со учениците, се преземаат најстроги мерки со кои најдобро ќе се заштити здравјето на учениците и на вработените во основните и средните училишта, рече Коцевски.

Додаде дека на состанокот биле донесени предлог-заклучоци кои како мислења ќе му бидат доставени на Министерството за образование и наука за да одлучи за идни чекори кои, пред сè, ќе значат заштита на учениците и наставниците, а сепак да се задржи квалитетот на наставата.