Најмладата театарска куќа во Македонија на големата сцена на Центарот за култура АСНОМ вчера премиерно ја одигра претствата „Полковникот птица“ пред гостиварската публика. По прекинот заради од пандемијата, од февурари ова е прва претстава која се одигра во затворен простор во Македонија.
Во гледалиштето имаше ограничен број на љубители на театарската игра, кој на крајот бурно ја поздравија актерската екипа.
Втората претстава на НУ „Театар Гостивар“ се базира на текстот на „Полковникот птица“ на Христо Бојчев и за прв пат беше изведена на фестивалот „Охридско лето“ на 26 август.
Режисерот Андреј Цветановски за МИА изјави дека содржината се базира на траги-комедија која не се занимава со ЕУ и НАТО интеграциите туку со исклученоста на поединецот.
Во претставата покрај Ѓорѓи Нешкоски кој ја толкува главната улога и Марија Кондовска како гости, улогите ги толкува актери од матичната куќа: Елизабета Клинчаревска-Младеновска, Марко Дојоски, Береда Решит, Аријан Ејупи, Дритон Љазами, Кујтиме Ахмети, Ајше Усеини и Берат Махмути. Сценограф и костимограф е Сергеј Светозарев а музиката е на Димитар Андоновски.
Текстот „Полковникот Птица“ беше првпат поставен на сцена во Македонија во 1998 година, во продукција на Народниот театар од Прилеп. Во него се зборува за една група ментално заболени луѓе кои живеат во лудница. По сплет на околности тие се организираат да одат до Стразбур, да го изложат својот проблем.