Екипите на Град Скопје од денеска ја реконструираат улицата „Боца Иванова“ во општината Бутел, на потегот од кружниот тек до улицата „Лазар Трповски“. На оваа делница со должина од 800 метри ќе се обнови коловозот и ќе се нивелираат постојните шахти и сливници.

Градоначалникот Петре Шилегов изјави дека вредноста на договорот за реконструкција на улицата „Боца Иванова“ е речиси 7 милиони денари со вклучен ДДВ, а рокот за изведба е 25 дена.

Нагласи дека е повеќе од неопходна реконструкцијата на ул. „Боца Иванова“, како и на улицата „Лазар Трповски“ која ќе биде реконструирана до крајот на годинава, зашто се исклучително фреквентни – водат до влезовите на градските гробишта „Бутел“ и ги спојуваат општините Бутел и Шуто Оризари.

Потсети дека годинава Град Скопје реконструираше и дел од улицата „Александар Урдаревски“, која се наоѓа во непосредна близина, а во тек е изградбата на втората фаза од булеварот „Босна и Херцеговина“.

-Булеварот „Христијан Тодоровски Карпош“ веќе неколку месеци активно го користат нашите сограѓани од северниот дел на градот кои сега благодарение на овој булевар побргу стигнуваат и до обиколницата и до централното градско подрачје. Во таа насока, пристигнуваат мноштво позитивни реакции од многу наши сограѓани кои живеат во овој дел од Скопје, рече Шилегов на почетокот на градежните работи на ул. „Боца Иванова“, придружуван од градоначалникот на Бутел, Велимир Смилевски, директорот на ЈП „Улици и патишта“, Бобан Црничиќ, и директорот на ЈП „Дрисла“, Коста Начевски.