Со вонредното терестично прскање против комарци што започна вчера во 21 часот мислам дека состојбата е сериозно ублажена и очекувам по завршување на прскањето целосно да се санира тој проблем, рече денеска градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов.

Тој појасни дека постапката, процедурата, начинот и средствата за извршување на прскањето се работа која Градот од Заводот за јавно здравје ги добива до 31 јануари секоја година.

-Постапката, процедурата, начинот и средствата се работа која ние со заводот за јавно здравје ги добиваме до 31 јануари секоја година. Таму се определени местата, локациите, квалитетот на средството и периодите во кои се врши прскањето против комарци и ние сме должни согласно законски прописи на тие упатства да се придржуваме. Во текот на минатата недела беше авионско, сега со терестично прскање очекувам дека целосно ќе се санира тој проблем, рече Шилегов во одговор на новинарско прашање.

Одговорајќи на новинарски прашања, градскиот татко рече дека годинава не бил каснат од комарец.

Годинава не. Јас живеам во Тафталиџе немам слушнато дека имаме проблем, барем во соседството во коешто јас живеам, одговори Шилегов на новинарско прашање дали добива убоди од комарци.