Учениците денеска ги нема во училишните клупи, тивки и празни се училниците во сите штипски училишта. Но, наставниот кадар со заштитни маски е во училиштата, каде што се подготвуваат за наставата со физичко присуство или онлајн, во зависност на кое одделение држат настава.

Раководителот на Секторот за обраозование и ЛЕР во Општина Штип, Билјана Казанциска, вели дека сите училишта ги задоволуваат протоколите за влез и излез, а исто така и за големината на училниците. Таа истакна дека од Министерството за образование и наука официјално почнува анкетата на родителите, кои треба да се изјаснат дали нивните ученици се за настава со физичко присуство или за онлајн-настава. Но неколку основни училишта самоиницијативно направиле анкета со родителите. Резултатите покажуваат различни ставови.

-Во училиштето „Гоце Делчев“ 97 отсто од родителите на учениците од прво до трето одделение се изјасниле за физичко присуство во училиштето, додека за предметната настава од шесто до деветто одделение тој процент е 70. За разлика од ова училиште, голем е процентот на родителите во „Тошо Арсов“, кои сакаат нивните деца наставата да ја следат од дома, вели Казанџиска.

Директорот на најголемото основно училиште во штипскиот регион. „Ванчо Прќе, Методи Папаров, вели дека се залагаат наставата од прво до трето одделение да биде со физичко присуство на учениците, но паралелките ќе бидат поделени во две групи.

-Ако една паралелка има 20 ученика, таа ќе се подели во две групи, едната група ќе почнува со настава од 7.30 до 10.30, а втората група ќе почнува од 10.30 до 13.30 часот, ова ќе важи и за А и Б смена, вели Папаров.

Тој истакна дека според најавените протоколи, физичко присуство за учениците од четврто до деветто одделение не може да се реализира во нивното училиште, бидејќи станува збор за 1200 ученици. Но затоа, пак, самоиницијативно со помош на ескпертите од Универзитетот „Гоце Делчев“-Штип прави Мајкрософт-платформа, којашто ќе овозможи на наставниците од четврто до деветто одделение онлајн-часовите да ги држат во кабинетите на училиштето.

-Наставниот кадар ќе има обуки, десет настваници ќе се обучат од овие експерти како да ја држат наставата на оваа платформа, а овие обучени наставници во групи ќе ги обучуваат останатите свои колеги. Имаме можност ова да го реализираме, вели Папаров.

Тој истакна дека ќе бара од Советот на Општина Штип наставата со физичко присуство на учениците да се одвива во руралните средини, каде што бројот на ученици го дозволува тоа, а исто така оваа настава да важи и за учениците со посебни потреби од прво до деветто одделение.