Васил Ангелов, културен работник во пензија од Кочани е добитник на наградата за животно дело за оваа година, а кочанската актерка Наталија Теодосиева го доби признанието за значајни остварувања во развојот на општината во изминатиот едногодишен период.

Одлуките и образложенијата за наградите беа донесени на седницата на Одборот за доделување награди и признанија на Општина Кочани. Притоа, се сумираа предлозите што пристигнале по јавниот повик за наградување поединци, групи творци, екипи, установи, трговски друштва и граѓански здруженија кои постигнале забележителни резултати.

Со одлука на Советот на Општина Кочани од минатата година се укина паричниот дел на наградите и признанијата, па тие се доделуваат само како плакети. Врачувањето ќе биде на свечената седница што на 7 септември ќе се одржи на Споменикот на слободата во Кочани, по повод Денот на ослободувањето на градот.