Излажани сме и изигнорирани од владата, ниту некој не викна ниту пак сме се договориле околу престојниот откуп и формирањето на откупните цени на грозјето, велат македонските лозари кои иако се надеваа на подобар третман годинава, проблемите останаа исти како лани.

-Ниеден од министрите нема слух да седнеме на маса и да разговараме онака машки и како што треба. Имавме направено допис на 21.01. до Министерството за земјоделие, баравме состанок и утврдување на цени. На 27.01. имавме втор допис, немаме одговор, на 19.08. имавме трет допис, немаме одговор. Бараме средба за да се утврди цена на чинење на килограм грозје. Бараме заштитната цена на килограм грозје да не биде пониска од 8 денари. На „смедеревката“ - 11 ден., на „вранецот“ – 13 ден. Од Владата бараме да ни дадат по 5 ден. од килограм – субвенции...“ вели за Алфа Златан Стојчев, претседател на Регионалното здружение „Тиквешки лозаро-овоштари“.

Проблемот велат тие е и во големите винарии кои исто така се незаинтересирани за откуп на грозјето. -Сум пробал во сите винарии, не во Сковин, не во Тиквеш, не во Маркудов, никој договор не ми прави. Значи ние сме исфрлени од државата фактички, како да не постоиме. Парите ги дадовме за лозје, за препарати, а сега што ќе му правиме?! Ќе го однесам пред куќата на Заев, во Струмица, вели револтираниот лозар, Нове Јошески.