Со одржување јавна презентација на деталниот урбанистички план за населбата Софилар во Струмица, Општината ќе почне да ги решава инфраструктурните проблеми на стотина граѓани, кои живеат во овој дел на градот.
Од Општината информираат дека донесувањето на деталниот урбанистички план е единствен услов за изградба на целокупната инфраструктура, која ќе обезбеди подобри услови за живот во населбата Софилар.
– Уште во декември 2017 година одржавме средба со жителите од населбата на која се договоривме да се забрза процесот со урбанизацијата на бесправно изградените објекти, односно доставување на елаборати за да може да се подготви деталниот урбанистички план. Легализацијата на бесправно изградените објекти е веќе завршена и се направи нова, ажурирана, подлога со снимање на сите изградени објекти што е важен услов за донесување на планот, рече градоначалникот Коста Јаневски.
Деталниот урбанистички план е објавен на веб-страницата на општина Струмица и граѓаните своите забелешки ќе можат да ги достават до Секторот за урбанизам и комунални работи до 14 септември.
Средствата за реализирање на планот се обезбедени преку грант од Светска банка.