Се асфалтираат улиците во населбата Басарица во Делчево со што започна завршната фаза од реализацијата на проектот со кој беше опфатена изградбата на првите улици во населбата во должина од еден километар.

Увид во работите денеска направи градоначалникот Горан Трајковски, кој истакна дека реализацијата на проектите продолжува со планираното темпо.

-Ми претставува задоволство што реализираме капитални проекти кои значат подобар квалитет на животот на граѓаните. Деновиве почна поставување на асфалтот и очекувам за неколку дена да завршат работите со што населбата Басарица добива нов урбан лик таков каков што заслужува секоја населба. Сакам да изразам големо задоволство што решивме уште еден голем проблем за жителите од оваа населба кои со децении газеа кал и живееја во прашина, истакна Трајковски.

Во Басарица, како што додаде, досега се изградија шест улици во должина од еден километар.

– Кога е оваа населба во прашање, изградбата на улиците нема да заврши со овој проект. Имено, ги имаме проектирано сите улици во населбата и во следниот период ќе се прават напори за комплетно заокружување на инфраструктурните проблеми во населбата, рече Трајковски.

Потсети дека претходно во населбата се изгради атмосферска канализација по должина на улиците кои се во изградба, но и фекална канализација на потегот Басарица, селоПолето во должина од два километри.

Вредноста на проектот патна инфарструктура и канализација во населбата е околу 25 милиони денари, средства обезбедени од програмата за финансиска поддршка на руралниот развој преку Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој.