Екипи на Град Скопје од денеска уредуваат нов зелен сквер на булеварот „Илинден“, до гимназијата „Орце Николов“. Во едниот дел од овој зелен простор наскоро ќе се оформи детско катче со различни реквизити за игра, а во другиот дел ќе се формираат патеки, ќе се постават клупи и маси, чешмичка за вода, паркинг за велосипеди и осветлување. Просторот ќе биде облагороден со различни видови листопадни и зимзелени садници.

Градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов информира дека уредувањето на ова ново катче е дел од проектот за редизајнирање на јавните зелени површини на четири локации во Скопје, според кој, зелени скверови ќе се формираат и на булеварот „Јане Сандански“, кај „Палма“, на крстосницата на булеварот „Јане Сандански“ и улицата „Владимир Комаров“ и кај поликлиниката „Идадија“ во Центар.

– Станува збор за иницијатива на Град Скопје и Центарот за иновации „Скопје Лаб“, како резултат на долгогодишната соработка со УНДП, во чии рамки ќе редизајнираме постојни зелени површини согласно со потребите на граѓаните за одмор, релаксација и за дружење. На оваа локација каде што сме денеска, беше предвидена изградба на катна гаража, но ние успеавме да го зачуваме зеленилото. За околу еден месец овој простор ќе биде полн со содржини кои граѓаните ги одбраа за оваа локација. За нас како Град е императив да ги зачуваме зелените површини, но и да ги облагородиме, нагласи градоначалникот Шилегов.

Иницијативата за редизајнирање на јавните зелени површини почна во 2018 година, во две фази – во првата фаза од граѓаните беа идентификувани седум локации од кои сега почнува редизајнирањето на првите четири. Во втората фаза идентификувани се вкупно девет локации што треба да се редизајнираат. Како резултат на процесот, „Скопје Лаб“ изработи седум концепт дизајни, подоцна разработени во елаборати за изведба, кои се водилка за нивното понатамошно уредување од Градот Скопје и од општините.

– Со 115.000 квадратни метри нови и обновени зелени површини во 2020 година Град Скопје и ЈП „Паркови и зеленило“ го урнаа годишниот рекорд. Овој процес се одвива паралелно со градежната офанзива на градските улици за да обезбедиме квалитетна инфраструктура и подобри услови за живеење во урбаната средина, рече Шилегов.

На почетокот на активностите за уредување на новиот зелен сквер во Карпош 2 присуствуваше и градоначалникот на Карпош Стефан Богоев, кој потенцира дека овој проект е важен за Општината и за граѓаните. Потсети дека континуирано се зголемува зеленилото и досега Општина Карпош направи нов зелен сквер во Карпош 1, на ул. „Иван Аговски“ и во Карпош 2, кај Драмскиот театар. На седум поголеми локации подигнати се нови тревни површини и се поставени системи за наводнување.