Рурална коалиција денеска на прес-конференција во Куманово ќе соопшти резултати од извештај за младинската вклученост во креирањето на локалните политики опфаќајќи ги и младите од руралните средини. Извештајот го отвора прашањето колку се активни и ангажирани младите од руралните средини во процесите на донесување одлуки на локално ниво и дали за да се вклучат во нив ги имаат истите предиспозиции, предзнаења и можности како и младите од урбаните средини.

Според младите опфатени во истражувањето, за да може да се зборува за нивна вклученост во креирањето на локалните политики, потребно е да има функционални локални младински совети, соработка помеѓу сите институции на локално ниво, воспоставување практика за соработка и преземање заеднички иницијативи со локалните медиуми и новинари, но и поголема едукација и зголемување на медумската писменост кај младите.

-Она што е заедничко за сите млади е дека многу ретко се јавуваат како носители на иницијативи или акции и многу ретко соработуваат со локалните медиуми и новинари, а најчестата причина во руралните општини е дека нив таму и ги нема. Ваквите показатели само го надополнуваат фактот дека сме сè уште далеку од препознатлив младински активизам особено во руралните средини каде што младите ги има сè помалку, наведува Рурална коалиција.

Истражувањето е реализирано во рамките на проектот „Преку медиумска писменост до подобрени локални младински политики” финансиран од Проектот за младинско изразување, поддржан од ЕУ, а се спроведува од Младински образовен форум во соработка со Младински сојуз Крушево и Центарот за балканска соработка „Љоја“.