Поради зголемениот број случаи со Ковид-19 во Делчево, општинската администрација го промени работното време на службите кои од почетокот на неделава почнуваат со работа од 07:30 часот до 14 часот.
Во своето известување до граѓаните, од општината упатија апел граѓаните да се воздржат од лично присуство во општинските простории, доколку за тоа нема потреба.
-Општина Делчево ги известува граѓаните кои имаат потреба од користење на услугите на општинската администрација кои не се од итен карактер, поради новонастаната состојба во општината со Ковид-19, да се воздржат од нивно лично присуство во работните простории на општината. За нивните потреби да се обратат на телефонот 033/411-550 или на електронската пошта на општината, истакнаа надлежните.
Во меѓувреме со цел спречување на ширење на заразата, како што додадоа, продолжуваат активностите за дезинфекција на јавните површини и поважните институции.
Заклучно до денеска до 12 часот во општина Делчево заедно со Македонска Каменица има 77 активни случаи со Ковид-19.