По повод Денот на независноста на Македонија, 8-ми Септември, денеска делегации на општина Берово, Здружение на пензионери, како и претставници на политички партии, положија цвеќе на Спомен Костурницата во Берово.

Пред присутните делегации се обрати директорката на Дом на културата во Берово, Тања Шенковска, која во свечениот говор, со должна почит кон паднатите борци, ги посочи историските моменти, честитајќи го денот.

-Овој историски датум, кога граѓаните го кажаа судбоносното и референдумско „да“, за остварување на вековниот сон за независна Македонија е обврска за сите нас, да ја сочуваме и развиваме земјата, во духот на слободата и демократските вредности, истакна Шенковска.

Посебна честитка до граѓаните по повод значајниот датум упати и градоначалникот Звонко Пекевски.

-Наша заедничка цел е посветено да се грижиме за сегашноста и иднината, да ја градиме татковината како стабилна, демократска и безбедна. Токму со оваа определба за стабилна сегашност и подобра иднина, би сакал на сите граѓани, да ви го честитам Денот на независноста и да ви посакам, пред сè, лична среќа и многу здравје и да ги продолжиме делата на нашите храбри и пожртвувани предци, рече Пекевски во честитката до граѓаните.

Одбележувањето на Денот на независноста се реализираше согласно протоколите за заштита од заразни болести.