Во Кичево денеска почнаа со работа сите три клонови на единствената детска градинка „Олга Мицеска”, согласно здравствените протоколи за функционирање во услови на КОВИД-19 пандемија.
-Се очекува околу 60 проценти од децата да се вратат во сите објекти кои се во состав на градинката. Изборот на деца се изврши според однапред поставени критериуми, а предност имаат децата чии родители и двајцата одат на работа и цело работно време мора да бидат на работното место надвор од домот, или да се самохрани родители кои одат на работа и чие работно место, исто така, бара да бидат надвор од домот, вели директорот на градинката Садик Ахмеди.
Градинките се дезинфицирани. При влез на децата им се мери температура и ако е повисока од 37 степени, тие ќе бидат вратени дома. Ахмети информира и дека пред влезовите на градинките се поставени и корита со дезинфекциски средства, каде што децата треба да поминат пред да влезат во градинката.
На денешниот прв ден на отпочување со работа градинката ја посети градоначалникот на општина Кичево Фатмир Дехари за да биде запознаен со условите за работа и како течеле подготовките за почетокот на работа на сите три објекти во градот кои работат во состав на градинката.
Дехари по средбата со директорот Ахмети и обиколката на објектите заедно со раководителот на секторот за образование во општината Емин Насуфи, рече, дека се преземени сите мерки, како што било предвидено.
Ги посетив, рече, три објекти и во сите нив работата се одвива согласно здравствените протоколи и препораките на надлежните институции.