Осум објекти од детската градинка ,,Рада Поцева“ од Кавадарци од денеска започнаа со работа, по неколкумесечниот прекин поради пандемијата од Ковид-19.
Директорката Цанка Добринова, за МИА информираше дека за неопходна посета на градинка се пријавиле 630 дечиња и тие, според протоколите на надлежните служби, ги исполнувале условите, па се примени во предучилишниот воспитно образовен процес. Во нормални услови, можат да згрижат 1.300 дечиња. Во текот на денешниот ден, во просториите на установата пристигнале 400 дечиња, но во наредните денови се очекува да дојдат и останатите. Добринова нагласи дека за престој во градинка се примени сите дечиња кои пројавиле интерес за тоа.
Од кабинетот на градоначалникот Митко Јанчев денеска соопштија дека со усвојување на протоколите за работа на градинките, донесена е одлука за отварање на јавните установи за деца.
-Нашата установа ЈОУДГ “Рада Поцева” ќе работи по сите протоколи кои се дадени од страна на Комисијата за заразни болести. Според протоколите, во група од 0-2 година максимално ќе има 6 деца, додека од 2 до поаѓање на училиште, максимално 15 деца. Во нашата установа се згрижени сите деца чии родители доставија уредно документи до поставениот рок, информираа од градоначалничкиот кабинет.
При влез задолжително ќе им се мери температура со безконтактен топломер и на децата и на вработените. Во случај да се појават симптоми, ќе се постапува во согласност со алгоритамот изработен од Комисијата за заразни болести.
-Оваа година обезбеден е поголем број на постелнина за да може хигената да биде на повисоко ниво, направено е молерисување, санација на оштетените подови и поставување на нов ламинат за полесно одржување. Обезбедена е заштитна опрема за сите вработени и направена е дезинфекција од страна на ЈЗО во сите осум објекти, известија од кабинетот на Јанчев.
Оттаму додадоа дека во објектите на градинката. воспитно-образовниот процес ќе се одвива по сите протоколи.
-Сакаме да соопштиме дека со примена на сите протоколи за безбеден престој , нашите објекти се подготвени за повторно да ги згрижат и да им посакаат топло добредојде на дечињата кои ќе престојуваат во градинката, нагласија од градоначалничкиот кабинет.