На првиот ден по отворањето на градинките во Гостивар, родителите на згрижувaње донесоа 117 дечиња. Заради протоколите и повисока температура вратено било едно дете.

Арбена Алиу, заменик-директор на ЈУДГ „Детска радост“ потврди дека предвидените објекти биле отворени и од утрото без проблеми почнал приемот на децата. Покрај дечињата, температура се мерела и на родителите и вработените во градинката пред влегувањето во институцијата.

– Денес започнавме да работиме со сите предвидени мерки и благодарни сме што и родителите го почитуваа протоколот, почнувајќи со држење на растојание, при приемот, на децата им беше измерена температурата, потоа рацете ги дезинфицираа вработените и децата. Од децата кои се појавија во една од градинките само едно имаше повишена температура од 37,3 и препорачавме да се врати дома, изјави Алиу.

Според претходните најави, во градинките денес се очекуваше да се појават над двесте деца, меѓутоа некои од нив родителите не ги донеле.

– Според списоците и најавите, денес очекуваме 221 дете. Нашиот капацитет кој е определен со протоколите е 335, а до скоро кај нас потврди беа доставени за 221, појаснува Алиу.

Пред почетокот на пандемијата и затварањето, во гостиварските градинки беа запишани над 700 деца, а секојдневно беа згрижувани околу 550.

За престојот и негата на децата во гостиварските градинки се задолжени сто вработени кои се распределени во осум објекти, од кои четири се градинки, а другите центри за згрижување. Центрите ќе се отворат заедно со почетокот на учебната година во училиштата во кои се сместени. Наскоро треба да се отвори уште еден објект кој ќе функционира како градинка за кој се очекува да привршат и формалностите.