Пред 85 години во 1935 година започнала со работа библиотеката – читалиште во Кавадарци. За ова денеска потсети Марија Михова, кустос историчар при кавадаречката Музеј галерија.

-По иницијатива на група интелектуална младина кое своето школување го формирала во развиените културни центри меѓу кои Милан Даскалов, Тодор Велков, Страшо Пинџур, Никола Минчев, Диме Поп Атанасов, Тасо Митков и други, во Кавадарци е формирано читалиштето “Тиквеш“. Библиотеката на почетокот била сместена во дуќан, а подоцна во простории на Диме Поп Атанасов. Во почетокот работела со скромен книжен фонд и списанија околу 120 книги. Најчести биле делата на Џек Лондон, Иван Цанкар, Бранислав Нушиќ, Максим Горки и други, рече Михова.

Студентите кои се школувале во поголемите високошколски центри во Југославија како и поимотните граѓани на Кавадарци, придонеле за збогатување на книжниот фонд на библиотеката. Претседател на управниот одбор на читалиштето бил Атанас Чејков, секретар Диме Поп Атанасов, а благајник Тасо Митков. Бил формиран одбор за собирање на црвена помош, која освен за купување на книги била наменета и за финансирање на семејствата на комунистите кои се наоѓале во затвор. Работата на читалиштето била забранета во 1937 година, а постоечкиот книжен фонд бил конфискуван од властите. Во 1938 година читалиштето продолжило со работа. Во 1939 година ова читалиште организирало изложба на ѕидни весници и книги, со цел да се популаризира работата на читалиштето и да се поттикне младината за читање на книги.

-Со доаѓањето на бугарската војска во Кавадарци во 1941 година, повторно се забранила работата на читалиштето. Во текот на 1941/42 година со работата на читалиштето – библиотека раководеле Стефан Хаџи Тефов – Феткин и Мито Хаџи Василев – Јасмин, додаде Михова.

По ослободувањето, библиотеката продолжила да работи, а прв платен библиотекар во Кавадарци бил Славчо Темков, кој бил и секретар на управниот одбор. Првото читалиште било формирано во средината на 1869 година во кавадаречкото село Ваташа.