Во виничкото село Истибања вечерва ќе биде отворен 35. Меѓународен фолклорен фестивал „Истибањско здравоживо“, што поради коронакризата ќе се одржи онлајн, со јавна видео презентација на настапите на учесниците.
Управниот одбор на фестивалот претходно ги информирал домашните и фолклорните групи и ансамбли од неколку земји во светот дека треба да испратат десетминутен видео материјал, што ќе биде обработен и како целина ќе биде поставен на интернет платформите.
-Годинава фестивалот ќе се одржи во специфични услови што ги наметна пандемијата од Ковид-19, со оглед што гостите од странство беа спречени да допатуваат кај нас. Ќе имаме три онлајн фестивалски вечери, на 12, 13 и 15 септември со почеток од 20 часот, а љубителите на фолклорот ќе можат да ги проследат народните традиции на луѓето од сите континенти, истакна Стојко Митковски, директор на фестивалот.
Во вечерниот термин на 16 септември на плоштадот „Ангел Винички“ во Виница настап во живо ќе имаат десетина фолклорни ансамбли и групи од сите региони во нашата земја.
Организатор на фестивалот „Истибањско здравоживо“ е фолклорниот ансамбл „Китка“ од Истибања, под покровителство на Општина Виница и со финансиска поддршка од Министерството за култура.