Регионалното географско друштво „Геосфера“ од Битола, во рамки на проектот „А бе, го сакам Баиро чист“ предлага одржливи решенија за надминување на проблемите со дивите депонии, спалувањето кабли и загадувањето на воздухот, како и проблемите со водоснабдувањето и хигиената на населението во услови на пандемија.
Според теренски истражувања во населбата Горен Баир, извршени од Геосфера-Битола, потребни се трајни решенија, кои целосно ќе ги решат проблемите, а не нивно краткорочно решавање.
Регионалното географско друштво „Геосфера“ од Битола и партнерски невладини организации, реализатори на проектот, во своите заклучоци посочуваат на поголема соработка меѓу граѓанските здруженија во Битола за интензивирање на притисокот врз институциите и јавноста во градот за трајно решавање на еколошките и комуналните проблеми во населбата Баир, поголем ангажман на граѓанскиот сектор и институциите во зголемувањето на еколошката свест кај ромското население, промена на урбанистичките планови и урбанизирање на населбата Горен Баир, со што ќе се овозможат инвестиции во водоводната и канализационата мрежа и трајно ќе се решат проблемите со водоснабдувањето, или дислоцирање на населбата на соодветен простор, како и поголема присутност на инспекторатот за животна средина на терен во населбата и санкционирање на палењето на кабли.
Во соопштение до јавноста од регионалното географско друштво „Геосфера“ нагласуваат дека за поголем дел од населението во битолската населба Баир не е можна примена на механизмот за бесплатна правна помош во случај на нарушување на правото за здрава животна средина и чиста вода, бидејќи дел од населението е нелегално населено во таа населба.