Јавната здравствена установа Центар за јавно здравје-Битола синоќа почна со реализација на четвртата фаза од превентивната систeматска дезинсекција за уништување на комарците на подрачјето на општината.

Акцијата се врши согласно Законот за заштита на населението од заразни болести, а врз основа на одлука на Советот на Општина Битола за спроведување на превентивна систематска дезинсекција на територијата на град Битола, како општа противепидемиска мерка.

Дезинсекцијата ќе се врши секој ден од 19 до 02 часот по полноќ, до 18 септември со апаратура за УЛВ ладно запрашување поставена на пикап-возило.

Со дезинсекцијата ќе бидат опфатени зелените површини на целото градското подрачје и периферијата на градот со што завршува планираниот циклус на превентивната дезинсекција реализиран со четири адултицидни и две ларвицидни дезинсекции, информираат од ЈЗУ Центар за јавно здравје-Битола и појаснуваат дека годинешната сезона била неповолна од аспект на реализирање на планираните активностите на терен пред се заради променетите климатски услови, сушната есен и зима и обилните врнежи во месец јуни.