Раководните структури и вработените на ООУ “Владимир Полежиноски” во Кичево речиси цело лето работеле на подобрување на условите со уредување на просториите во и околу училиштето со цел да го прилагодат на барањата за организирање настава со физичко присуство на учениците во услови на пандемија од Ковид-19.

-Поставени се штици на бетонските ѕидчиња во дворот со што се зголеми просторот каде што може да се седи, хортикултуно се уредуваше дворот, поставивме јарболи со знамиња, добивме комбе како донација од нашата Влада за потребите на училиштето, изградивме амфитеатар во дворот, ги променивме плотните на клупите во училниците за одделенска настава, ги променивме плочките каде што има умивалници во училниците, а исто така набавивме диспанзери за течен сапун и хартија за бришење на рацете кои ќе бидат поставени во училниците и низ училиштето каде има место за миење на раце, изјави директорот на училиштето Горан Карафилоски.

Тој нагласи дека се набавени и бесконтакни топломери и бесконтакни апарати за дезинфекција на рацете, редовно се набавуваат средства за дезинфекција и информативни материјали со што, како што рече, училиштето е подготвено за реализирање на настава со физичко присуство на учениците според препораките од Комисијата за заразни болести, Министерството за здравство и Министерството за образование и наука.

-Во училниците е поставен брз и стабилен интернет за реализација на наставата од далечина според препораките од МОН, но не застануваме тука и понатаму ќе работиме на постојано подобрување на условите за работа и престој во училиштето, посочи директорот Карафилоски.