Прoектите кои се реализираат преку Програмата за прекугранична соработка се одлична можност да се придвижат работите за отворање на граничниот премин Клепало, е главната констатација од состанокот кој во Берово се одржа по тој повод и на кој претставници од Министерството за локална самоуправа и управникот на Царинска управа Штип со беровскиот градоначалник Звонко Пекевски разговараа околу придвижувањето на работите за отворање на граничниот премин Клепало.

-Има добра основа работите да се придвижат преку проект од Програмата за прекугранична соработка, Интерег ИПА Бугарија-Македонија, која што има компонента за стратешко одобрување, за финансирање на проекти од национален интерес во пограничниот регион. Во истиот идеално се вклопува проектот за реконструкција на постоечките објекти на граничниот премин Клепало. Разговарано е со сериозен пристап и план со динамика на реализација, изготвен е нацрт документ, кој е доставен до Европската комисија на прифаќање и разгледување, информираа надлежните.

Во меѓувреме, како што е заклучено на состанокот, потребно е да се формира комисија од страна на Владата на Република Северна Македонија, со членови од сите инволвирани страни и секој да превземе обврска да се започне со придвижување на работите кон отварање на граничниот премин.

Отварањето на граничниот премин Клепало, како што додаде беровскиот градоначалник, е децениски сон на граѓаните на општина Берово и поради тоа вели тој општината ќе направи се, за истиот да биде отворен.

-Веќе во неколку наврати имаме кажано, со отворањето на преминот ќе се овозможи подобра комуникација на граѓаните од двете страни на границата, ќе има поголема размена на идеи, развој на економијата и туризмот и можност за нови вработувања и подобрување на социо-економската положба на граѓаните, рече Пекевски.

Заради увид во состојбата на постоечките објекти, по одржаниот состанок присутните се упатија кон граничниот премин Клепало, каде констатираа дека претходно реконструираниот пат до граничниот премин е добра основа за скоро завршување на работите и на останатата инфраструктура.


Администратор
18/09/2020 14:20