Државата нема веќе можност и време да чека. На оваа генерација треба да и покажеме решителност и одлучност дека сме спремни во овие четири години да ги промениме работите дома, од начинот на размислување, од менталитетот, дека не треба све преку врски и протекции да биде, туку граѓаните да ги научиме но и да им овозможиме порегуларен пат низ институциите, без главоболки да си ги остварат свите права.

Ова денеска на брифинг со новинарите го најави заменик-претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски.

Според него огромен е просторот кој треба да се работи, особено во делот на корупција и криминалот, а тоа сето, како што рече, не влече назад и тоа е причина за иселувањето на младите и причина за недоверба во системот, која што треба да ја враќаме.

За успешна реализација и спроведување на најавените активности рече дека очекува во неговиот кабинет да дојдат луѓе кои имаат доверба во државата, кои ќе остават работа во странство од три-четири илјади евра за да помогнат во спречувањето на корупцијата, а со тоа и спречување на иселувањето од нашата земја. Николовски на брифингот посочи и дел од алатките со кои ќе ја започне неговата работа.

-Извештаите на Државниот завод за ревизија ќе бидат дел од патоказите за она што треба да се корегира, во кадровски и раководен аспект но пред се да се почитуваат препораките за отстранување на забелешките, истакна меѓу другото Николовски.

Владиниот координаторот за борбата против корупција рече дека ќе се анализира и кои државни институции ќе се укинуваат или пак спојуваат оние кои се со исти надлежности, односно да бидат целосно отворени и транспарентни. Најави и целосен преглед на сите Јавните претпријатија и Акционерски друштва во државна сопственост кои се финансираат од Буџетот.

Николовски посочи дека веќе се остварени првични координативни состаноци со дел од органите на антикорупцискиот систем, со експерти од областа и со меѓународните партнери. Во периодот кој следува ќе продолжат овие активности на запознавање и усогласување на ставовите и принципите на работа. Николовски потенцираше дека ќе се работи на воспоставување на интензивна меѓуинституционална соработка, бидејќи како што изјави само така можат да се постигнат позитивни резултати во делот на превенирање и борба со корупцијата и криминалот. Притоа, Николовски најави дека ќе се зајакнуваат капацитетите на ДКСК и на Државниот завод за ревизија.

Вицепремиерот Николовски потенцираше дека државната функција е привилегија, но и должност. Тој порача дека никој не е и не смее да биде над законот, и мора да постои ред и истиот да се почитува со одговорност од оној кој сторил казниво дело.


Администратор
18/09/2020 22:11