Домот на културата од Гевгелија, на платото пред селската црква во Богородица, посветена на Пресвета Богородица, синоќа организираше богата културно забавна програма со која свечено беше одбележан денешниот голем христијански празник Мала Богородица и патронот на селото.

По повод панаѓурот и славењето на рождеството на Дева Марија, беше одржана концертна вечер на чалгиска и традиционална музика и изложба на дваесетина најдрагоцени реплики од икони, фрески и плаштаница од Бигорскиот манастир, по повод 1000 години од неговото постоење.

Концертот на чалгиска и традиционална музика го изведе ансамблот за традиционална музика и игра „Митко Алексов“ од Кочани со вокалот Тијана Јаневска, а целиот настан се одвиваше според протоколот за заштита од корона вирусот.

Уметничкиот директор на кочанскиот ансамбл, Ристе Ѓоргиев, упати голема благодарност до општина Гевгелија и Домот на културата за поканата и за препознавањето на квалитет на нивниот ансамбл, а директорката на гевгелискиот Дом на културата, Весна Ристова, изрази задоволство што и во време на пандемија е запишана уште една манифестација со прекрасен повод, чествување на рождеството на Пресвета Богородица.