Во просториите на Националната установа Центар за кулура во Дебар е отворена самостојна изложба на познатиот академски сликар Адем Сулејманоски од Ростуше.
Изложбата, која ќе биде отворена до 25 септември, ја отвори Зинче Мимидиноски, директор на Центарот. Тој е задоволен што по повеќемесечен прекин, културните настани сега се зачестени, на задоволство пред се на на граѓаните на Дебар, кои се желни за културен настан.
-За релативно кус период отвораме уште една изложба, овој пат на академскиот сликар Адем Сулејманоски, со кого и претходно сме имале успешна соработка. Покрај отворените и планираните изложби, во текот на следниот месец ќе ги реализираме и 11-тото издание на детските фестивали „Радика фест“, фестивалот на забавна музика „ДИ-Фест“, како и други културни случувања. Сите овие убави културни настани се дел од годишната програма на нашата установа и истите финансиски се подржани од Министерството за култура, додаде Мимидиноски.
На изложбата на Сулејманоски се претставени 19 дела.
– Ова не ми е прва изложба во овој град. Во Дебар се чувствувам како дома,а за тоа секако причина е топлиот и срдечен прием на дебрани. Задоволство ми е кога сум тука,каде оние кои доаѓаат знаат да оценат што е вредно.Од поставените 19 дела, 10 се мозаици изработени со природен камен во техника директен мозаик, додека 9 слики се изработени масло на платно и акрил на платно – комбинирана техника, рече Сулејманоски.
Сулејманоски е роден и живее во Ростуше,каде моменто е директор на Основното општинско училиште „Хајан Селмани“. Дипломирал на Факултетот за ликовна уметност во Скопје каде завршил и постипломски студии а на студиски престој во 1992 година бил во Равена, Италија.Учествувал на многу групни изложби во повеќе градови низ Македонија,каде имал и самостојни изложби. Самостојно изложувал и во Сион, Швајцарија, Ниш, Нови Сад и Врање, Србија,Пешкопеја, Албанија, Сребреница,Босна и Херцеговина.
И овој културен настан беше одржан со целосно почитување на мерките за заштита од Ковид-19 и пропишаните протоколи.
Ова е последователен културен настан што го организира Центарот во Дебар. На почетокот на овој месец прва самостојна изложба имаше младиот уметник од Дебар Тахир Цноли а на 24 ноември самостојна изложба ќе има познатиот дебарски уметник Дритан Боцку.