Во клубот на пратеници и официјално денес се потпиша договорот со кој Германската СТС Текстајлс влегува со инвестиција во Македонија. Потписници на договорот се министерот за привлекување на странски инвестиции Џери Наумов, како претсавник на Владата, управителот на компанијата Маркус Туч и управителот на компанијата Лутекс, Жаклина Стојановска.

-Маркус веќе започна со реновирањето и воспоставувањето на производствените операции во објектот кој што беше дел од поранешната фабрика Нонча Камишева, која што во периодот на транзицијата престана да работи, така што ние сме горди дека на овој начин внесуваме нов живот во овој стар комплекс, заедно со уште некои други инвеститори, од кои што еден е од Швајцарија, и се вика Ронтис, а другите се две македонски компании , рече Наумов.

-Разгледувавме повеќе држави во Европа за тоа каде да ја основаме нашата фабрика, а во Македонија најдовме совршена бизнис клима за да ја оствариме инвестицијата. Како и во секоја друга работа имаше определи пречки но успешно и брзо ги надминавме. Затоа денеска сум горд што сум тука и задоволство ми е да споделам дека поставувањето на фабриката е во тек, рече управителот на „СТС Текстајлс“,Маркус Туч.

Во фабриката во Велес ќе се работи со најсовремена опрема за плетење. Ова го гарантира управителот на компанијата. Тој додава дека ќе го остварат и даденото ветување за идни инвестиции.

-Претставува навистина големо задоволство што една од најиновативните германски компании за производство на технички и индустриски текстил, покажа желба и посветеност токму тука да ја реализира првата инвестиција надвор од Македонија, што потврдува дека условите за водење и започнување на бизнис во Македонија се на високо ниво. Со отворањето на Маркарт, инвестицијата на индиската БРГ, како и со започнување на работата на СТС Текстајлс, очекуваме позитивни ефекти во Велес и дополнително намалување на невработеноста, која во изминативе 10 години со имплементирањето на комплементарните економски политики е намалена за околу 50 проценти, рече вицепремиерот задолжен за економски прашања, Владимир Пешевски.

На потпишувањето на договорот присуствуваше и Претседателот на ВМРО - ДПМНЕ, Никола Груевски кој истакна:

-Илјада работни места ќе бидат сериозен допринос во намалување на невработеноста во Велес. И тоа се директни вработувања. Покрај директните ќе има и индиректни вработувања што значи дека бројката од 100 ќе биде надмината и ќе даде можност на други локални компании да бидат нивни партнери што ќе овозможи дополнителни работни места. Она што е важно за оваа инвестиција е прво дека отвора нови директни 100 вработувања и плус индиректни, но второ дека рестартира една пропадната затворена во времето на транзицијата фабрика „ Нонча Камишева“ која што беше останата само во сеќавањата на велешани, како успешна во еден период во минатото, а подоцна во текот на транзицијата пропадната, разграбена и затворена. Така што еден затворен капацитет, кој беше заборавен во времето се рестартира и ќе биде овозможено повторно производство во него, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.