Последниот четврток овој септември како пазарен ден во Тетово овозможи продажба за 28 денари по килограм на црвените пиперки за подготвување на традиционалниот ајвар. Цената од 28 денари, е една од најниските кои можеше да се најде денеска кај продавачите, а и останатите цени се пониски во споредба со останатите денови од месецот.

-Кај мене денес се продава 32 денари килограм пиперки од сортата ајварка доколку се земе на пакет, но заради тоа што е четврток и пазарен ден ова е пониска цена од пред неколку дена кога беше просечно по 35 денари. Денес има значително големи количини на пиперки, но според искуството од минатите години сега веќе достигнува минимална цена и од сега натаму не очекувам да биде под 35 денари, вели продавач од тетовскиот зелен пазар.

Модар патлиџан по 10 денари парче, морков од 30 денари, карфиол од 50 денари, краставички корнишони од 50 до 70 денари се останатите цени за производите кои се потребни за подготвување на зимницата на тетовскиот зелен пазар.

Дел од тетовци купуваат зарзават за зимница и на тн. „Женски пазар“ кај населбата Теќе и пазарот во Горна чаршија кои важат за поевтини во споредба со главниот Зелен пазар во градот.