34 национални здруженија, активистички групи и самостојни активисти за заштита на животни потпишаа Отворено протестно писмо до Агенцијата за храна и ветеринарство поради како што велат незаконската програма за работа на ЈП Лајка и да одобри основање на ветеринарна амбуланта во рамки на јавно претпријатие спротивно на член 42 од Законот за ветеринарно здравство.

ОТВОРЕНО ПРОТЕСТНО ПИСМО ДО АГЕНЦИЈАТА ЗА ХРАНА И ВЕТЕРИНАРСТВО

Ние, долупотпишаните активисти за заштита на животни, дел од формални и неформални групации на граѓани, како и самостојни активисти, се обраќаме до Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) и бараме одговори на:

1. Наводите дека АХВ ја одобрила Програмата за работа на ЈП Лајка усвоена на 52 седница на Советот на Град Скопје во која имаше задржано низа незаконски концепти од првата, геноцидна, верзија на документот!

2. Наводите дека АХВ ќе одобри основање на ветеринарна амбуланта во склоп на ЈП Лајка што е спротивно на член 42 од Законот за ветеринарно здравство!

Потсетуваме дека првата верзија од програмата која поттикна силни реакции во јавноста претставуваше свиреп документ каков што досега не постоел во овој град. Во актуелната, т.н. втора, ревидирана, верзија на програмата има извесни подобрувања, но сепак се дозволува трајно стационирање на кучиња, перфидно е дозволена произволна еутаназија на здрави единки, заловување на кучиња „најчесто во ноќните часови“ и нема никаква проекција за бројот на животни кои ќе бидат третирани на годишно ниво со што ќе се докаже рационалното трошење на јавни пари и ќе може објективно да се евалуира самиот ефект од процесот.

Во однос на втората точка нагласуваме дека основањето на ветеринарна амбуланта во рамки на едно јавно претпријатие без претходен јавен повик за ангажирање ветеринарно друштво и неисполнување на условите наведени во став 1 од член 42 е незаконски. Според Законот за ветеринарно здравство, владата единствено по исполнувањето на условите од ставот 1 од член 42 од Законот има право да основа јавно претпријатие согласно со Законот за јавните претпријатија. Истовремено, сведоци сме дека ваквиот пристап – една амбуланта да биде ангажирана за стационарот – нималку не придонел за намалување на бројот на бездомните животни – напротив. Искуството од изминатите години е доказ дека не може физички да се опслужи потребата и да се одговори на задачата – невозможно е повеќе од десет единки на ден да се оперираат во една амбуланта, што, во едно најоптимистичко сценарио, доведува до број од 50 единки неделно и 200 единки месечно што е далеку под неопходниот број на животни кој е нужно да се истретира во распон од 6 месеци со цел да се спречи неконтролираната репродукција. Дополнително, јавноста беше запознаена со злоупотребата на јавни пари кога едно ветеринарно друштво го има монополот врз градскиот стационар. Конечно, исклучително важен факт е вработувањето на ветеринари во Град Скопје – крајно опасен преседан – со што струката ќе се стави под партиска директива; чекор дијаметрално спротивен на декларативните изјави за професионализација и департизација на институциите.

Ние, активистите кои веќе со децении целосно волонтерски ја работиме работата на Град Скопје, сме неискажливо револтирани доколку се допушти вакви незаконски концепти да се одобрат од АХВ – институција чијашто надлежност е да го усогласи функционирањето на институциите со постојната легислатива, а не да дозволува процеси со кои законите се подриваат.

Нема да дозволиме правата на животните да бидат прегазени на вака перфиден начин! Нема да дозволиме документ кој би требало да е основата за хуман третман на живи суштества, да е фактички изговор за нивно произволно убивање! Нема да дозволиме партиски послушници со сомнително искуство да одлучуваат за судбините на невини животни!

Третманот на бездомните животни во Скопје МОРА да биде дисперзиран – да се ангажираат најмалку 5 ветеринарни друштва од Скопје кои истовремено ќе работат – со цел да се обезбеди доследно спроведување на единствената стратегија за хумана контрола заловистерилизирај-вакцинирај-врати. Само на овој начин ќе може во период од 6 месеци да се стерилизираат/кастрираат 75% од бездомните единки на дадена територија со што нивната репродуктивна способност ќе стане 0 и нивниот број природно ќе почне да опаѓа.

Бараме АХВ:

а) Веднаш да ја информира јавноста дали ја има одобрено програмата за работа на ЈП Лајка усвоена на 52 седница на Советот на Град Скопје.

б) Веднаш да ја информира јавноста дали води процес за одобрување на ветеринарна амбуланта во склоп на јавното претпријатие Лајка без претходно спроведен јавен конкурс.

Доколку АХВ ги одобрила и програмата и отворањето на амбуланта во самото ЈП, бараме веднаш да го објави јавно текстот од програмата кој го има одобрено, како и службеното лице кое ги одобрило и програмата и основањето на ветеринарната амбуланта во склоп на јавно претпријатие без претходно спроведен јавен повик. Одговорност мора да има и ние ќе ги преземеме сите мерки во согласност со закон за да ја обезбедиме таа одговорност!

За ова отворено протестно писмо поддршка изразија вкупно 34 национални здруженија на граѓани, неформални активистички групи и самостојни активисти бидејќи ние, активистите за заштита на животни, најдобро знаеме дека неправда било каде е неправда секаде!

Потписници

Столе Велковски во име на Здружението за заштита на животните „АНИМА МУНДИ“, Скопје

Драгана Велковска во име на Здружението за заштита на животните и животната средина „Е.Д.Е.Н.“, Скопје

Теона Георгиевска во име на Здружението за унапредување и заштита на благосостојбата на бездомните животни „ДЕЈЗИ ФЕМИЛИ“, Скопје

Милка Докузова во име на Граѓанска асоцијација за унапредување на инклузивноста во градот и градските простори „ХУМАНИ ГРАДОВИ’, Скопје

Наталија Трпковска во име на Здружението за заштита на животните и животната средина „ШЕПАСТИ ЕНТУЗИЈАСТИ”

Венера Петкоска во име на Здружението „АСОЦИЈАЦИЈА НА АКТИВИСТИ ЗА ПРАВА НА ЖИВОТНИ“, Скопје

Марија Јанакиевска Милошевски во име на Здружението граѓанска иницијатива за заштита на животните „КАНЕ КОРЗО НАДЕЖ“, Скопје

Ружица Парсонс во име на Здружението за заштита на животните „ЕЈНЏЕЛКЕТС“, Скопје

Виктор Мазнев во име на Здружението на граѓани „ВИКТОРС АРК“, Велес

Магдалена Ѓоргиева Џајков во име на Здружението за заштита на животните „ГЛАСОТ НА ЖИВОТНИТЕ“, Велес

Јасмина Соколовска во име на Здружението за заштита на животните „ПРО АНИМА“, Берово

Наталија Иванова во име на Здружението за заштита на животните „АНИМАЛ ЛАВЕРС“, Струмица

Дарко Влахов во име на Здружението за заштита на животните „СПАСИ ЖИВОТ“, Штип

Виолета Николова во име на Здружението за заштита на животните „СРЦЕ ЗА ЖИВОТНИТЕ ТИКВЕШ“, Кавадарци

Светлана Марковска во име на Здружението за заштита на животните и животната средина „МАЛИ ХЕРОИ“, Битола

Јулијана Силјановска во име на Здружението за заштита на животните и животната средина „БИБЕВСКИ“, Битола

Марија Саботиновска во име на Здружението за заштита на животните „АРК АНИМАЛИС“, Битола

Вилдана Садикоска во име на Здружението за заштита на животните „АНИМАЛИА“, Охрид

Анастазија Димзовска во име на Здружението за унапредување на благосостојбата на бездомните животни „OHRID STRAYS“

Милена Блажеска во име на Здружението за заштита на животните „ANIMAL WORLD“, Струга

Елвира Илиевска во име на Активистичката група за заштита на животните „НИЕ ЗА ЖИВОТНИТЕ“, Куманово

Антонио Најдовски, самостоен актвист за заштита на животни

Кристина Цинциева, самостојна актвистка за заштита на животни

Ана Христовска Зафировска, самостојна актвистка за заштита на животни

Спасиќ Лела, самостојна актвистка за заштита на животни

Катерина Гоговска, самостојна активистка за заштита на животни

Милева Иванова, самостојна активистка за заштита на животни

Елена Кежароска, самостојна активистка за заштита на животни

Милица Стојановска, самостојна активистка за заштита на животни

Марта Чадиковска, самостојна активистка за заштита на животни

Гордана Кимовска Саздова, самостојна активистка за заштита на животни

Мими Кимовска Христов, самостојна активистка за заштита на животни

Ајетја Реџеповиќ, самостојна актвистка за заштита на животни

Мирјана Подолешова, самостојна актвистка за заштита на животни