Во организација на глобалното движење „100 Илјади поети за промена“, во соработка со здружението „Контекст – Струмица“ денеска во Струмица ќе се одржи десеттото издание на поетската манифестација „100 Илјади поети за промена“.
По претходно распишаните конкурси за поезија и плакат, за ова јубилејно 10-то издание програмата ќе се реализира на две локации. Во Бабилон кафе со почеток во 20 часот ќе биде отворен фестивалот со промоција на Зборникот во кој се застапени 60 поети, дел од повеќе од 200 авторите кои се пријавија на конкурсот.
Ггодинава, поради пандемијата, на поетското претставување ќе учествуваат само поети од Македонија, меѓу кои Љулзим Хазири, Ива Дамјановски, Зоран Анчевски, Никола Маџиров, Сузана Мицева, Андреј Ал-Асади, Исток Улчар, Вања Изова Велева и многу други, со музичка поддршка на Панче Илиев (Pi).
Во вториот дел од програмата кој е предвиден да започне во 22 часот во кафе бар Нагоре, ќе биде отворена изложбата на плакати, односно дизајнерските решенија кои пристигнаа на конкурсот, а учесниците и гостите ќе ја имаат уникатната можност да го проследат музичко-визуелниот перформанс на колективот Improof.
Настанот е дел од глобалната манифестација „100 Thousand Poets for Change“ – меѓународна манифестација која годинава се оддржува во повеќе од 15 држави во светот, со десетици закажани виртуелни и offline настани, а нашата држава и Струмица се дел од ова движење уште од самиот почеток.
Организаторите наведуваат дека за време на фестивалот ќе бидат запазени сите протоколи за заштита од COVID19 според мерките на СЗО и Министерството за здравство.