Форум – Центар за стратешки истражувања и документација (Форум ЦСИД), поддржан од Проектот на УСАИД за граѓанско учество, утре со почеток од 12:00 часот пред мобилната галерија во паркот на Франкофонијата во Скопје ќе презентира „Документ за јавни политики за непосредно учество на граѓаните во одлучувањето на локално ниво“. Документот е креиран врз основа на истражување за користењето на формите за непосредно учество на граѓаните во одлучувањето на локално ниво, кое Форум ЦСИД го спроведе во соработка со локални партнери од седум плански региони во рамки на активноста „Активни граѓани за добро владеење “.

Поголемиот дел од партнерите вклучени во оваа активност, се соочиле со проблемот на демотивација за активизам или недоволна верба во можноста граѓаните да влијаат на одлуките на властите. Причината за оваа појавa ја наоѓаат во законските одредби кои пропишуваат висок процент на потпишани граѓани за поддршка на граѓански иницијативи и други облици на непосредно одлучување на локално ниво, соопштија од Форум ЦСИД. Партнерите од „Активни граѓани за добро владеење“ одлучија да направат анализа на порепрезентативните случаи на граѓански иницијативи од сите плански региони во државата, а со цел отворање на јавна дебата за потребите од промени во законската регулатива и во практиките на непосредно одлучување на ниво на локалните самоуправи.

Форум – Центар за стратешки истражувања и документација од Скопје (Форум ЦСИД) ја спроведува активноста „Активни граѓани за добро владеење“ чија цел е едуцирање на граѓаните за можностите за нивно активно вклучување во носењето одлуки поврзани со локалните проблеми, финансиран од Проектот на УСАИД за граѓанско учество.