Претседателот на Собранието Талат Џафери лично и во име на пратениците и го честита на бошњачката заедница во Република Македонија Меѓународниот ден на Бошњаците.

– Верувам дека овој историски датум кога Првиот бошњачки Сабор ја усвоил Декларацијата за враќањето на историското име Бошњак, а мајчиниот јазик е повторно именуван како босански, е датум којшто ве прави горди и ви дава убаво чувство на припадност и за тоа, Ви честитам. Сакам преку оваа честитка да ја укажам мојата почит и поддршка за бошњачката заедница во Република Северна Македонија, која е неделив дел од ткивото на нашето општество, ценето и вреднувано по своите особености, јазик, традиција, култура и обичаи меѓутоа, над сè, поради својот значителен придонес во развојот на државата, пишува Џафери во честитката.

Убавината на мултиетничките општества, додава претседателот на Собранието, е во богатството од култури и традиции и нивната промоција, нивното негување, почитување и заедничко споделување, само го збогатува уште повеќе општествениот живот на државата, и го разубавува секојдневието на нашите граѓани.

-Заедничкото споделување и меѓусебното запознавање значи и заемно почитување, и тоа е единствениот начин за градење успешна приказна за Република Северна Македонија. Се надевам дека со заеднички сили ќе продолжиме да го градиме и реформираме нашето општество на патот кон Европа, како држава која живее во европски дух, пишува Талат Џафери во честитката до бошњачката заедница во земјава.