Во Младинскиот културен центар (МКЦ) во Скопје, денеска Проектот на УСАИД за граѓанско учество ги додели наградите на добитниците на Наградата за младинско учество за оваа година оддавајќи им признание на поединците, младинските групи и организациите кои работат на подобрување на своите заедници. Добитниците за оваа година се Ивана Балабанова, Сибел Бајрам, неформалните групи 3D Принт Медицинска Опрема и SHARE – Speak honestly and resolve everything и младинските организации Здружение за афирмација на уметноста – ФЛУКТУС и Здружение Мој живот.
Како што информираат од УСАИД, Ивана Балабанова доби награда за решавање на прашањето за семејно насилство преку уметнички танц и обезбедување поддршка за млади уметници од Северна Македонија кои сo големи маки се снаоѓаа во текот на кризата со Ковид-19. Активистката Сибел Бајрам доби награда за својата работа како активист за човекови права фокусирајќи се на родовата еднаквост меѓу Ромките и младите преку активно менторство и поддршка на младите Роми.
– 3D Принт Медицинска Опрема добија награда за својата работа како лица кои први реагираа за време на кризата со КОВИД-19 обезбедувајќи ги здравствените работници со заштитни визири преку мобилизирање на млади ентузијасти за дизајнирање, печатење и дистрибуција на визири за здравствените работници. SHARE – Speak honestly and resolve everything доби награда за својата работа со младите во врска со важноста на менталното здравје и обезбедувањето на безбеден простор за нивните врсници да разговараат за специфичните предизвици поврзани со менталното здравје и проблемите на адолесцентите, соопштија од УСАИД.
Здружението за афирмација на уметноста – ФЛУКТУС доби награда за развој на „Самоглас“, платформа за аудио книги на македонски јазик, создадена со идеја да го промовира културниот и образовниот развој во Северна Македонија. Здружението „Мој живот” доби награда за својата работа во осврнување на теми поврзани со интересот на децата и младите, промовирање на социјална кохезија, како и разни култури и културна разновидност и обезбедување простор за децата со попреченост.
Претставникот на Канцеларијата на УСАИД, Ерик Јановски истакна дека младите играат важна улога во напредокот на секоја земја во светот, односно тој наведе дека посветеност на младите треба да биде признаена и поддржана од сите.