Отпочнувањето на пристапните преговори со Европската Унија, но и развојот на билатералните односи и соработката меѓу двете држави беа темите на разговор на денешната средба на вицепремиерот задолжен за европски прашања, Никола Димитров со шпанскиот амбасадор Емилио Лоренцо Сера.
Димитров се заблагодари за постојаната политичка и економска поддршка и помош од шпанска страна, изразувајќи надеж дека посветеноста да се помогне на Северна Македонија во историскиот случај со ратификувањето на пристапниот протокол за членство во НАТО, ќе се рефлектира и во поддршката на нашиот европски пат.
-Во оваа важна фаза од евроинтегративниот процес ќе треба да се насочиме кон изнаоѓање на модалитети за проширување на билатералната соработка. Помошта би била добредојдена во областите поврзани со постигнување на нашите главни реформски приоритети во области каде Шпанија има предност, меѓу другото и преку твининг соработката, посочи Димитров.