Премиерот Зоран Заев денеска се сретна со Фредерик Мерис, амбасадор на Кралството Белгија во Македонија.

На состанокот било пренесено дека се препознаени напорите на Владата за напредок во евроинтеграциите, дека се вреднува направеното на политички план во добрососедските односи и оти Европската Унија ќе продолжи да ја поддржува нашата земја низ инвестициски планови со цел развој на државата.

Премиерот Заев се заблагодарил за солидарноста што ја покажаа Белгија и ЕУ кон нашата држава за време на здравствената криза, иако Македонија не е сѐ уште членка на Унијата.

-Граѓаните се определија за евроатлантски ориентирана Влада и ќе продолжиме да ја развиваме државата како успешна членка на НАТО и држава со европски вредности. Очекуваме да ги почнеме преговорите со ЕУ за време на германското претседателство со ЕУ. А, секако од големо значење е и тоа што Белгија го има претседателското место во Европскиот совет, како мотиватор на европското проширување. Многу ни значи поддршката од ЕУ преку најавените инвестициски планови за Западен Балкан, во делот на инфраструктурата, бидејќи тоа е од помош и за развојот на економијата кон што сме посветени. За развојот на економијата, како и за евроинтеграциите важни се и владеењето на правото и борбата против криминалот и корупцијата и силно сме определени да покажеме резултати и во овие области, рече премиерот Заев.

Од Владата информираат дека Заев, се заблагодарил за силната поддршка на нашите европски интеграции, што доаѓа како од Белгија, така и од Холандија и Луксембург, како земји членки на Бенелукс групата. Тој потенцирал дека нашата држава е цврсто решена да придонесе во Европа како мотор на вредности, демократија, мир и добар живот од интерес на граѓаните на сите европски држави.

-На состанокот се разговараше и за билатералната соработка помеѓу Македонија и Белгија, којашто е веќе активна во инвестициите, трговијата, универзитетската размена, но заеднички се гледаат можности за интензивирање, посебно во делот на бизнис релациите, соопштуваат од Владата.