Вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров на денешната проштала средба, му се заблагодари на амбасадорот на Франција во земјава, Кристијан Тимоние, за неговата лична посветеност и принципиелна работа за развој на демократските и европските вредности во нашата земја, посакувајќи му успех во неговите професионални ангажмани.
– Една стратешка определба остваривме, станавме сојузници во НАТО. Верувам дека заеднички ќе работиме и на европското сојузништво“- истакнал Димитров, нагласувајќи дека новата методологија креирана на француска иницијатива, не само што ќе му даде квалитет на процесот, туку ќе придонесе и за интеграција по заслуга, според имплементацијата на конкретни реформи.
Од владината прес-служба соопштија дека Димитров изразил задоволство за најавата за вклучување на Македонија меѓу географските приоритети за развојна соработка на Франција, во рамките на идните планови на француската Влада за земјите од Западен Балкан, што ќе придонесе за зајакнување на француското влијание како меѓународен актер за развој на регионот.