Американскиот глумец Кларк Мидлтон, можеби најпознат по ТВ-серијата „Црна листа“ (The Blacklist), почина завчера од западнонилска треска. Имаше 63 години.

Тажната вест ја соопшти неговата сопруга Елиса.

„Со тешко срце објавуваме дека згасна животот на, исклучително достојниот за слава – Кларк Тинсли Мидлтон, 63-годишен – сакан глумец, писател, режисер, учител, херој, сопруг, светилник, пријател. Кларк почина на 4 октомври како последица на заболување од вирусот на западнонилската треска, за која нема познат лек. Кларк имаше прекрасна душа, која цел живот им пркосеше на границите, застапувајќи ги пред се, лицата со попреченост“, се вели во известувањето.

Мидлтон, инаку, боледуваше од ревматичен артритис.

Се појави и во филмовите „Убиј го Бил 2“, „Низ снегот“ (Snowpiercer), оскаровскиот „Човек птица“ (Birdman), како и во серијата „Твин Пикс“ (новите епизоди). Обожавателите годинава ќе може да го погледнат во филмот „Антарктик“ чие прво прикажување допрва следи.


Администратор
06/10/2020 13:21