Шестиот годишен настан „Speech4Teachers“ кој го организираат фондациите Отворено општество Македонија и „Чекор по чекор“ годинава беше на тема „Улогата на учителот во новата реалност“ и посветен на одбележување на Меѓународниот ден на учителот. Годинава настанот е и во рамки на проектот „Образование на помалобројните заедници“ и присуствуваа претставници од училишта во земјава кои предаваат на турски, босански, српски и ромски јазик.
Извршната директорка на Фондацијата „Чекор по чекор“ Сузана Киранџиска посочи дека годинашната тема не ја означува само новата реалност и онлајн-наставата предизвикана од пандемијата, туку и на постојаните промени во светот во 21 век.
– И најдобрата опрема на светот не би значела ништо доколку наставникот не знае да пристапи до секое дете. Работивме две години со наставниците кои предаваат на јазиците на помалите етнички заедници и во рамките на проектот се обезбедени околу 250 илјади евра за техничка помош на училиштата, но и за обуки за подготовка на материјали, лектирни изданија на сите етнички заедници. Досега 405 наставници поминаа шест обуки и се надеваме дека и понатаму во тек на проектот ќе работиме за да ги подобриме условите за децата кои учат на јазиците на помалобројните етнички заедници, рече Киранџиска.
Посочи дека наставниците од тие училиштата се соочуваат со проблеми од немање доволно литература на јазиците на помалите етнички заедници и дека се обидуваат да ги надминат заедно со Фондацијата отворено општество Македонија која обезбедила таблет-компјутери за децата на најсиромашни семејства кои не можат да следат онлајн-настава.
Извршната директорка на ФООМ Фани Каранфилова-Пановска рече дека инвестирањето во квалитетно инклузивно образование е предуслов за градење отворено демократско општество, посочувајќи дека образованието е клучен промотор на социјалната кохезија. Посочи дека Фондацијата постојано инвестира во програми за поддршка на образованието, а голем дел од нив се посветени токму на наставниците, како и на образованието на маргинализираните групи, особено на Ромите.
– Во моментов со финансиска поддршка на ЕУ спроведуваме голем тригодишен проект „Редовно на часови: Акција за вклучување на Ромите во основното образование“. Проектот обезбедува стипендии за вкупно 600 основци од најсиромашните ромски семејства, а деновиве тече и заедничка кампања која ја правиме со Министерството за образование насловена „Буква по буква испиши ја својата иднина“. Цврсто сме уверени дека нема да дозволиме ниту едно дете да остане надвор од образовниот систем, истакна Каранфилова-Пановска.
Важноста и улогата на наставниците во образовниот процес, но и во развојот на децата ја истакна министерката за образование и наука Мила Царовска која рече дека наставниците, без разлика на нивната етничка заедница, се најважни во овие процеси и се клучната алка во пренесувањето на знаењето на учениците.
-Нашата држава е убава затоа што е полна со различности, коишто создаваат една целина. Верувам во еднаквоста и моја лична определба и заложба е секое девојче и момче без разлика каде живее, низ образовниот систем да се изгради во личност која ги почитува и негува граѓанските права, толеранцијата и различностите. Секое дете, прво треба да се описмени, да добие основно знаење, понатаму во животот кога ќе порасне да се остручи за да може да одговори на пазарот на трудот, но најважно од се е да се образува и воспитува во духот на толеранцијата и на мултикултурализмот. Затоа сте ни потребни вие, наставниците, кои умеете на своите ученици да им ги пренесете вистинските знаења и вредности, рече Царовска.