Центарот за култура „Григор Прличев“ од Охрид го распиша конкурсот за избор на најдобра поема за 2020 година што го носи името на познатиот охридски имакедонски пет и преродбеник Григор Прличев.
Согласно пропозициите, конкурсот ќе трае заклучно со 9 ноември, до кога треба да бидат доставени поемите со слободна тематска содржина.
Трудовите не смеат да бидат помали од 912 стихови, со нумериран секој педесетти стих. Делото треба да е напишано со фонт не помал од единаесет, испечатено еднострано на А4 формат во четири еднакви шифрирани примероци. На конкурсот еден автор може да пријави само едно дело, а коавторски дела се неприфатливи. Конкурсот е анонимен, а за најдобрата поема предвидена е и парична награда.
За изборот односно наградата одлучува тричлено жири составено од реномирани автори од земјата.
Заинтересираните автори своите досега необјавувани поеми треба да ги испратат до Центарот за култура „Григор Прличев” – Охрид, ул. “Македонски просветители” бр. 4, 6000 Охрид, со назнака „Пријава за избор на најдобра поема Григор Прличев за 2020 година”.
Поемите што нема да пристигнат до определениот рок или нема да ги исполнуваат условите нема да бидат земени предвид за наградата. Комисијата согласно Правилникот за критериумите и постапката за избор на најдобра поема, ќе ги извести авторите што поднеле уредна апликација, за резултатите од изборот.
Наградата на лауреатот ќе му биде врачена на манифестацијата „Прличеви беседи“ што традиционално се одржува на 6 февруари – Денот на упокојувањето на големиот поет.