Поштенски марки од кавадаречкиот филателист Љупчо Настов вечерва беа презентирани на изложба во дворот на Музеј на град Неготино.
-Филателијата претставува собирање и проучување на поштенските марки и важи за едно од најпопуларните хобија во светот. Поштенската марка, како амбасадор на земјата-издавач, овозможува поглед во културата на земјата, нејзиното уметничко и историско наследство. Филателијата ги обединува луѓето со различни професии, политички убедувања и општествени класи, кои на ова хоби му се посветуваат заради задоволство, проширување на своето знаење, но и заради заработка. Првата поштенска леплива марка е воведена во 1840 година како потврда за однапред платена поштарина. Оваа марка се нарекува „Црно пени“ со ликот на кралицата Викторија. Британската пошта прва ја донела одлуката за печатење и за продажба на поштенски марки. А набрзо овој метод на плаќање поштарина го прифатиле и другите земји, рече Драгица Чекорова, директор на Музејот.
Редовните поштенски марки коишто циркулираат во секојдневниот поштенски сообраќај, додаде таа, имаат различна тематика – архитектура, етнологија, разни ликови на истакнати личности од разни сфери, додека програмата поштенски марки овозможува да се направат тематски збирки со мотиви на флора, фауна, културно наследство, спорт, екологија, а најмладите имаат можност да собираат детски поштенски марки. -Поштенски марки се користат и за хуманитарни цели, такви се доплатните марки кадешто доплатата на услугата е наменета за хуманитарни цели.
Со појавата на поштенските марки се создала и нова страст кон нивното собирање и проучување – филателијата. Во земјава постојат неколку друштва што се занимаваат со филателија, нагласи Чекорова. Пред присутните говореше и Настов, осврнувајќи се на значењето и вредноста на поштенските марки кои носат своевидни пораки.