Согласно потпишаниот меморандум за соработка со невладината Спа и Велнес Асоцијација, Општина Гевгелија на четири ученици ќе им додели бесплатни стипендии за стекнување квалификации од програмите на организацијата.

– Стипендиите на учениците ќе им овозможат стручно да се квалификуваат за масери за козметичка и спа масажа, како и за спа-терапевти, што ќе им биде овозможено преку невладината организација од Гевгелија.Со ваквата соработка го поттикнуваме продуцирањето на одредени профили стручни кадри кои моментно се барани на пазарот на трудот, велат од Општина Гевгелија.

Апликациите за стипендиите се доставуваат до локалната самоуправа најдоцна до 21 октомври, а право да конкурираат имаат кандидати на возраст од 18 до 27 години кои се евидентирани како невработени во ПЕ на Агенцијата за вработување во Гевгелија.

Избраните кандидати, општината ќе ги објави до крајот на овој месец, а во текот на ноември и декември ќе посетуваат организирани стручни обуки во просториите на Пионерскиот дом во Гевгелија.